+389 2 3113 059
enmk

ПРЕДАВАЊЕ И ДИСКУСИЈА ВО ИОХН-С

26 May 2017

ПРЕДАВАЊЕ И ДИСКУСИЈА ВО ИОХН-С

Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С) Ве поканува на 06.09.2012 (четврток) со почеток од 19 часот на јавно предавање и дискусија на тема „Скицирање на структурата на револуциите низ анализа на неколку анти-нормативни гласови “,предавањето ќе го одржи доц.д-р Маја Мухиќ, по кое ќе следува дискусија со присутните модерирана од доц.д-р Игор Јованоски, двајцата членови на редовниот професорски кадар на постдипломските студии на ИОХН-С (ISSHS/www.isshs.edu.mk).

„СКИЦИРАЊЕ НА СТРУКТУРАТА НА РЕВОЛУЦИИТЕ НИЗ АНАЛИЗА НА НЕКОЛКУ АНТИ-НОРМАТИВНИ ГЛАСОВИ“

Ова предавање има за цел да ги разгледа и анализира техниките и содржините на одредени субкултурни движења и гласови во Република Македонија и пошироко, кои се залагаат за создавање на простор ослободен од стегите на конформизмот и даваат отпор на одредени владини ретроградни политики. Некои од овие движења, воедно застануваат и наспроти вредносните системи, цивилизациските стандарди и нормативните начини на постоење, кои не се нужно во согласност со она, за што тие веруваат, би претставувало квалитетна форма на живеење.

Во анализита на овие алтернативни гласови, предавањето ќе ги анализира причините и мотивите за акција. Низ дисекцијата на механизмите на овие движења, ќе се направи споредба помеѓу ваквите модели на акција со одредени апсекти на она што ќе го наречеме, структура на револуциите. Во контекст на ова, ќе проговориме и за феноменот на насилство, идеологија и на револуцинерните мотиви воопшто. Ова ќе ни помогне, низ заедничка дискусија, да ги дефинираме и дијагностицираме можните доблести, но и слабости на анти-нормативните гласови и движења кои ќе бидат предмет на ова предавање.

МАЈА МУХИЌ, студирала филозофија, културна антропологија и родови студии. Нејзиното интердисциплинарно академско искуство го насочува нејзиниот интерес во сферата на феминистичката филозофија, теориите на мултикултурализмот, постколонијалната теорија и интерпретативна/симболичката антропологија. Во нејзините трудови таа истражува теми како што се апликабилноста на мултикултурните теории врз локалните искуства, феминистичката филозофија, како и историјата на антрополошката мисла и антрополошките парадигми, со осбен акцент врз интерпретативната антропологија. Пишува и на теми како што се формирањето и комплексноста на етничките идентитети, мултикултурализмот, ритуалните симболики, итн. Нејзин особен итнерес е интерпретативната и пост-модерна антропологија, со особен акцент врз трудовите на Клифорд Герц и неговата парадигма наспроти другите антрополошки парадигми. Таа студирала во Обединетото Кралство, Унгарија и Америка, а е добитник и на повеќе стипендии и истражувачки донации од американскиот Стејт Департмент и британскиот Комонвелт офис. Таа е доцент и предавач на Факултетот за Јазици, Култури и Комуникации на Универзитетот на Југо-источна европа, во Тетово.

ИГОР ЈОВАНОСКИ, дипломирал во областа на политичките науки на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Магистрирал меѓународни односи на Institut Europeen des hautes etudes internationales во Ница, Франција. Неговиот докторат на Универзитетот Бремен, Германија, е на тема од областа на критичките студии на меѓународните односи, поточно од полето на модерната и пост-модерна теорија и дискурсите на државата и суверенитетот во Германија, Франција и САД и нивната поврзаност со респективните надворешно-политички идентитети и однесување. Политичката и општествената теорија, теоријата на меѓународните односи, политичката социологија и конкретно, теријата на држава и суверенитет се во центарот на неговите истражувачки интереси.

Серијата „Јавни предавања“ кои Институтот ќе ги одржува во текот на вториот уписен рок (од 21 август до 12 септември 2012) на своите магистерски програми по родови студии и студии на културата имаат за цел да ги промовираат програмите и условите за студирање на Институтот. Па така, освен во врска со темата на предавањето, публиката ќе има можност да постави прашања и во врска со магистерските студиски програми што ги нуди Институтот. Предавањата и дискусијата ќе се одржат во новите простории за настава на Институтот во ДЦ. „Палома Бјанка“ на 6 кат, ул. „Даме Груев“ бр.16, 1000 Скопје. Ве молиме да ни го најавите вашето присуство (да се регистрирате за настанот) на info@isshs.edu.mk или со порака на нашата FB страница/група.

Leave a Reply