+389 2 3113 059
enmk

ПРОЦЕНКА НА ЕФЕКТИТЕ НА ПОСТОЕЧКАТА РЕГУЛАТИВА ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ УСЛУГИ ВРЗ УРЕДНИЧКАТА СЛОБОДА

24 Oct 2017

ПРОЦЕНКА НА ЕФЕКТИТЕ НА ПОСТОЕЧКАТА РЕГУЛАТИВА ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ УСЛУГИ ВРЗ УРЕДНИЧКАТА СЛОБОДА

ВОВЕД (Целата RIA анализа можете да ја преземете на линкот: Проценка на ефектите на постоечката регулатива за аудио и аудиовизуелни услуги врз уредувачката слобода)

СОДРЖИНА

ЦЕЛ НА ПРОЦЕНКАТА … 2
ОПИС НА ПРОБЛЕМОТ … 2
ОПИС НА РЕГУЛАТИВАТА … 3
ОПИС НА ИСТРАЖУВАЊЕТО …4
АНАЛИЗА ЗА ЕФЕКТИТЕ ОД ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ
МЕДИУМСКИ УСЛУГИ ВРЗ УРЕДУВАЧКАТА/МЕДИУМСКАТА СЛОБОДА … 5
НЕЗАВИСНОСТ И НЕПРИСТРАСНОСТ НА РЕГУЛАТОРНОТО ТЕЛО … 5
НАДЛЕЖНОСТИ НА РЕГУЛАТОРНОТО ТЕЛО ПОВРЗАНИ СО МЕДИУМСКИТЕ СЛОБОДИ … 7
ПРОГРАМСКИ АСПЕКТИ – ПРОГРАМСКИ СТАНДАРДИ И ПРИНЦИПИ …11
ПРОГРАМСКИ НАДЗОР И САНКЦИИ … 18
ЈАВЕН РАДИОДИФУЗЕН СЕРВИС … 22
НЕЗАВИСНОСТ И САМОРЕГУЛАЦИЈА НА ЈАВЕН РАДИОДИФУЗЕН СЕРВИС … 22
ПРЕПОРАКИ … 24

ЦЕЛ НА ПРОЦЕНКАТА

Целта на проценката е утврдување на законските ефекти врз уредувачката /медиумската слобода и овозможување услови за развој на медиумската сфера.

ОПИС НА ПРОБЛЕМОТ

Анализата на контекстот покажува дека падот во слободата на медиумите е постојана оценка во изминатите години, а втора година по ред Македонија го добива статусот „неслободна“ според индексот на слобода во медиумите на Freedom House.[1] Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија за 2016 година и Извештајот и препораките на сениорската група за Македонија од 2017[2] година ги објаснуваат појавите кои се закана за слободата на медиумите: систематско политичко мешање и пристисок врз уредувачката политика, небалансирано известување, исклучително низок степен на саморегулација и недоверба во јавниот радиодифузен сервис.

Постоечката состојба со слободата во медиумите е резултат на феноменот на „заробена држава“ каде преку прекумерна законска регулација ѝ овозможува на извршната власт прекумерна контрола врз медиумите проследена со правото на санкционирање. И покрај формалната независност на Регулаторното тело, фактот дека секој детал од работењето на медиумите е однапред предвиден и пропишан со закон (предложен од извршната власт) и административна казна на извршната власт ѝ овозможува речиси потполна контрола на работењето. Деталноста во пропишувањето на програмските стандарди на работење која вклучува прашање на времетрање на програмски содржини на дневна основа, „хронолошки распоред“ на прикажување и слично, е толкава што не може да се најде никаква приближна споредба во европското законодавство. Непочитувањето на ваквите членови на законот се казнува со глоба. Така, прекумерната регулација на технички прашања поврзани со програмата на прикажувања претставува индиректна контрола врз програмските содржини придружена со постојан тон на закана од казна. Однапред определените технички детали од овој вид, ја скратуваат и автономијата на Регулаторот кој е сведен на рутинско штиклирање на прекршувањето на норми кои не би ни требало да бидат дел од законските норми.

Ваквата легислатива во својата суштина има за цел контрола и дисциплинирање преку користење на мерките за строги и детализирани прописи и прекумерен број казни впишани во материјален закон.[3]

На овој начин се воспоставува систем кој претставува закана за слободата на изразување и овозможува самоцензура и цензура во медиумите, односно влијае врз конципирањето и изборот на програмските содржини во медиумите.

Особеноста на македонскиот случај на „заробена држава“ се состои во речиси апсолутното потчинување на законодавната (и судска власт) од страна на извршната, како што, впрочем, констатира и Сениорската експертска група предводена од Рајнхард Прибе во нејзиниот втор извештај за Македонија.[4]

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, детално пропишува програмска структура и програмска содржина (жанрови и типови програма) што дифузерите мора да ја произведат и емитуваат во пропишано време и со пропишано времетраење. Назначеното регулаторно тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во уште поголема подробност ги пропишува правилата за спроведување на програмските стандарди, а отстапувањата ги санкционира. Споредбената деск анализа на севкупната легислатива и релевантните документи на медиумски политики на земјите членки на ЕУ и стратешките документи на регулаторните тела како и извештаите од мониторингот спроведуван од овластените агенции, односно регулаторни тела, покажува дека толкав степен на контрола од страна на централната власт не постои ни во приближна мера во ниту една од државите на ЕУ.

Европската директива (член 4) наложува обврска за саморегулација и/или ко-регулација на национално ниво во областите кои ги опфаќа и во степен кој го овозможува националната легислатива на секоја од земјите членки.[5] Притоа се укажува дека ваквите системи на саморегулација и/или ко-регулација треба да бидат широко прифатени од главните чинители кои се засегнати и да овозможат ефективно спроведување.

За да се овозможи автономија на медиумите и таа да биде ефективна, програмските принципи и филозофијата, како и процедурите треба да бидат усвоени од самите медиуми во форма на подзаконски акти (правилници, уредби, работни планови и сл.) или друг вид документи кои ги изложуваат политиките на работење, сопствените стандарди и професионални вредности. Во таа насока,саморегулацијата не подразбира непостоење на правила за функционирање туку напротив нивното креирање и спроведување треба да има за цел овозможување на слобода во управувањето на медиумите и развој на медиумската сфера.

Регулаторното тело треба да ја креира рамката и правилата кои овозможуваат слобода и развој на медиумите, преку следење и анализа на состојбите и спроведување политики кои се насочени кон развој наместо контрола. Како што наведува Прибе и Сениорската експертска група во нивниот втор извештај за Македонија, „заробеноста“ на македонската држава се состои првенствено во „заробениот Парламент“ од страна на извршната власт, а со тоа и на остатокот на општеството.[6] Законот кој предетално регулира значи контрола на извршната власт, особено ако и казнувањето е во детал пропишано со тој ист материјален закон.

ОПИС НА РЕГУЛАТИВАТА

Проценката се спроведува на неколку области од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што влијаат врз уредувачката слобода – програмски стандарди, програмски принципи и обврски, казнени одредби, заштита на плурализмот и јавниот радиодифузен сервис. Како носител на законската обрврска за имплементирање на Законот се следи уредувањето и функционирањето на надлежниот орган, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Оценката за ефектите од спроведувањето на законот се однесува на неколку аспекти:

• Во однос на стандарди и принципи
• Во однос на целната група (информираност, разбирање, остварливост, корист/штета)
• Во однос на финансиска исплатливост – за регулаторно тело, за целната група
• Во однос на она што не е опфатено во законот, а може да придонесе кон овозможување слобода на изразување

ОПИС НА ИСТРАЖУВАЊЕТО

Во периодот јуни-август 2017 беше спроведено теренско истражување преку интервјуа, фокус групи и електронски прашалник со претставници на локални, регионални и национални аудио и аудиовизуелни медиуми, како и на вработени во регулаторното тело. Интервјуата со петнаесет уредници во националните/кабловски телевизии и радија, како и со петмина раководители на различни сектори во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дадоа подлабински податоци во однос на примената и ефектите од постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Фокус групите им овозможија на 30 претставници на локалните и регионалните медиуми во пет различни града во Македонија да дадат свое видување и искуства за примената на постоечката регулатива.

Во табелата ќе бидат сумирани резултатите од теренското истражување и илустрирани генералните заклучоци од интервјуата и фокус групите.

Ова истражување е изведено со подршка на Европската делегација во Македонија во рамките на ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество (2015 Civil Society Facility Programme) и во соработка со нашите проектни партнери ЗНМ.


[1] Freedom of the Press 2017, Macedonia profile, достапно на: https://freedomhouse.org/report/freedom-press/2017/macedonia.

[2] European Commission, “The Former Yugoslav Republic of Macedonia 2016 Progress Report” (Brussels, 9 November 2016)but alsoThe former Yugoslav Republic of Macedonia: Assessment and recommendations of the Senior Experts’ Group on systemic Rule of Law issues 2017 (Brussels, 14 September 2017).

[3] Блажева и др. „Слобода на изразување, здружување и претприемништво во заробена држава: Македонија во 2015, Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје“ (Скопје 2015).

[4] The former Yugoslav Republic of Macedonia: Assessment and recommendations of the Senior Experts’ Group on systemic Rule of Law issues 2017(Brussels, 14 September 2017), p. 5.

[5] “Directive2010/13/EUoftheEuropeanParliamentandoftheCouncilof10 March 2010on the coordination of certain provisions laid down by law, regulation or administrative action in Member States concerning the provision of audiovisual media services (Audiovisual Media Services Directive),”(Articles 4, 9)

[6] The Former Yugoslav Republic of Macedonia: Assessment and recommendations of the Senior Experts’ Group on systemic Rule of Law issues 2017 (14 September 2017), достапно на https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/2017.09.14_seg_report_on_systemic_rol_issues_for_publication.pdf, пристапено на 21 септември 2017.

ЦЕЛАТА RIA АНАЛИЗА МОЖЕТЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕТЕ НА ЛИНКОТ: Проценка на ефектите на постоечката регулатива за аудио и аудиовизуелни услуги врз уредувачката слобода