+389 2 3113 059

КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ НА САМОХРАНИТЕ МАЈКИ ВО МАКЕДОНИЈА | Дороти Пачкова

КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ НА САМОХРАНИТЕ МАЈКИ ВО МАКЕДОНИЈА | Дороти Пачкова

КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ НА САМОХРАНИТЕ МАЈКИ ВО МАКЕДОНИЈА
Дороти Пачкова
(ментори: Катерина Колозова и Бранимир Јовановиќ)

Овој бриф презентира неколку индикатори за квалитетот на животот на самохраните мајки во Македонија. Брифот произлегува од магистерската дисертација „Социоекономска дискриминација на самохраните мајки во Македонија“, на Дороти Пачкова, изработена под менторство на Катерина Колозова и Бранимир Јовановиќ. Податоците се прибавени од анкета, спроведена во август 2018, на која одговорија 58 жени.

Вработеност

Три-четвртини од самохраните мајки одговориле дека се вработени, додека една-петина дека се невработени. Вработеноста кај самохраните мајки е повисока од просечната вработеност кај мажите (54%) и жените (35%) во државата. Релативно високата стапка на вработеност може да се објасни со нужноста од работа кај самохраните мајки, заради прехранување на семејството.

Месечни примања

Просечните месечни примања на самохраните мајки се 16,200 денари, што е значајно пониско од просечната плата во државата од околу 24,000 денари. Околу 80% од самохраните мајки имаат примања до 24,000 денари. Оттука, може да се заклучи дека самохраните мајки се принудени да работат ниско платени работи, за да можат да ги прехранат своите семејства.

Поседување сопствено живеалиште

Дури 65% од испитаничките одговориле дека не поседуваат сопствено живеалиште, а само 32,8% одговориле дека поседуваат. За споредба, просечната стапка на поседување сопствено живеалиште во земјава изнесува 90%. Оттука, евидентно е дека станбеното прашање претставува сериозен проблем за самохраните мајки.

Можност да си дозволат одредени работи

Во поглед на можноста да си дозволат одредени работи, самохраните мајки стојат полошо од другите семејства по однос на станбеното прашање, можноста за одмор и можноста да се справат со финансиски потешкотии. Самохраните мајки се слични со остатокот од државата кога е поседувањето материјални предмети во прашање (автомобил и машина за перење), и подобри се од остатокот од државата, кога е исхраната во прашање.


Дискриминација

Огромно мнозинство од испитаничките (87,9%) одговориле дека се чувствуваат дискриминирани затоа што се самохрани мајки. Само 8,6% одговориле дека не се чувствуваат дискриминирани.

Најизразена е дискриминацијата при барањето работа, каде 53,4% од самохраните мајки се чувствуваат дискриминирани. Следуваат образованието на децата и доедукацијата на мајките, каде 48,3% се чувствуваат дискриминирано. Најмалку изразена е дискриминацијата во здравството, каде 22,4% од самохраните мајки се чувствуваат дискриминирани.

Користење државни мерки за поддршка на самохраните мајки

Дури 86,2% од самохраните мајки одговориле дека никогаш не користеле било каква државна мерка за поддршка на самохраните мајки. Само 13,8% од мајките одговориле дека искористиле некаков тип на поддршка.

Заклучок
Самохраните мајки имаат полош квалитет на живот од останатите во државата. Станбеното прашање е најголем проблем со кој се соочуваат тие, бидејќи дури 65% од анкетираните одговориле дека не поседуваат сопствено живеалиште, а 64% имаат потешкотии во плаќањето кредити за купување или реновирање на станот. Самохраните мајки живеат со ниски месечни примања, при што просекот изнесува 16,200 денари, дури 80% од нив имаат примања пиниски од 24.000 денари, а 78% изјавиле дека не можат да се соочат со неочекуван финансиски трошок. Високи 88% од самохраните мајки изјавиле дека се чувствуваат дискриминирано, при што дискриминацијата е најизразена при барањето работа и во образованието. Дури 86,2% од нив одговориле дека никогаш не користеле ниедна државна мерка за поддршка на самохраните мајки.

 

КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ НА САМОХРАНИТЕ МАЈКИ ВО МАКЕДОНИЈА