+389 2 3113 059

Резултати од анкетата за граѓанскиот активизам

Резултати од анкетата за граѓанскиот активизам

Во периодот ноември – декември 2015 година, Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, за потребите на проектот: „Граѓанските организации во промоција и застапување на правото на слобода на изразување и здружување“, поддржан од програмата за поддршка на грѓанското општество, Цивика Мобилитас, спроведе истражување на јавното мислење на репрезентативен примерок од осумте региони во Република Македонија: Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски.

Анкетата дава увид за перцепцијата на граѓаните за граѓанскиот активизам, мотивацијата на граѓаните за вклучување во граѓански иницијативи, нивното мислење на различните форми на дејствување преку, на пример, пленуми, невладини организации, и сл. Исто така, резултатите ги покажуваат ставовите и расположението на граѓаните во однос на рестриктивните политики на власта, особено глобите како форма на цензура во нивното користење на нивното право на слободно здружување.
Во првата група прашања испитаниците одговараа во која мера се согласуваат со наведените ставови во врска со важноста и потребата од граѓански активизам и поголема вклученост на граѓаните во јавните политики и одлуки во Република Македонија. Во поглед на мотивацијата и вклучувањето во граѓанските иницијативи, најголем процент гледаат позитивно на граѓанскиот активизам. Изнесуваат ставови дека тој е корисен и потребен за влијание врз јавните политики (66%) или за да предизвика општествена промена (55%).

Повеќе од две третини (70%) од анкетираните би се вклучиле во граѓанска иницијатива доколку се лично засегнати или доколку е засегнат некој близок (69%). Најмалку би се вклучиле во граѓанска иницијатива доколку е засегната политичката партија за која гласаат (18%).

Граѓанскиот активизам може да биде практикуван во различни форми – граѓански иницијативи, протести, пленуми, застапување и активизам во состав на невладините организации. Податоците покажуваат дека од оние што практикувале учество во граѓанска иницијатива најчесто ја избирале

формата на излегување на протест или собир (49%) или пак поддршка преку потпишување на петиција (46%).

Граѓаните ја оценија работата на невладините организации со оцена 3 на скала од 1 до 5 (каде 1 е најслаба, а 5 најдобра оценка).

Во име на своите права, 44% од испитаниците би се вклучиле во некаков тип на граѓански пленум. Тоа говори за довербата што ја имаат граѓаните во оваа форма на граѓански активизам.

Причините што би ги спречиле во иднина да учествуваат во граѓанска иницијатива се: доколку не веруваат на тие што ја организираат (24%), доколку немаат време за такви активности (22%) или поради тоа што мислат дека ништо нема да се промени ако учествуваат (19%). Мал процент (8%) како причина наведува дека не би учествувале во граѓанска иницијатива од страв за да не си наштетат себе или на блиските.

Испитаниците сметаат дека Владата во голема мера ги контролира бизнисот, образованието и медиумите. Средната оценка 3,94 (од 1 до 5, каде 1 е најниска, а 5 највисока оценка) од одговорите покажува на тоа дека граѓаните сметаат дека Владата во голема мерка ги контролира овие општествени области.

Во однос на бројот на глобите во законите, најголемиот број испитаници сметат дека нивниот број треба значително да се намали (66%). Тие се согласни и со ставот дека глобите постојат само за полнење на буџетот и заплашување на граѓаните.

Едно од почувствителните прашања во анкетата беше: Дали досега сте избегнале граѓанска иницијатива од страв да не бидете казнети? Кумулативниот процент од оние што одговориле позитивно и оние кои одбиле да дадат одговор е 28%, што е речиси една третина од испитаниците. Тоа покажува дека стравот од казни, доколку се вклучат во некоја граѓанска иницијатива, постои кај одреден дел од граѓаните.

Резултати од анкетата за граѓанскиот активизам

Leave a Reply