+389 2 3113 059

СТАВ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ОПШТЕСТВЕНИ И ХУМАНИСТИЧКИ НАУКИ ЗА ПРЕДЛОГОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ ПРОГРЕСИВЕН ДАНОК

СТАВ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ОПШТЕСТВЕНИ И ХУМАНИСТИЧКИ НАУКИ ЗА ПРЕДЛОГОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ ПРОГРЕСИВЕН ДАНОК

Институтот за општествени и хуманистички науки го поздравува предлогот на Министерството за финансии за воведување прогресивен данок. Редно време е да се напушти рамниот данок, кој беше воведен во 2007 година. Тој доведе до значително општествено раслојување и осиромашување на населението, но и поткопување на главните столбови на државата поради неправедната дистрибуција. Намалени јавни фондови за образование, наука и здравство, од една страна, и концентрација на богатството, а со тоа и на политичката моќ, во рацете на мал број поединци, од друга страна, се главните несакани последици на рамното даночење. Затоа, прогресивниот данок е неминовност за зауздување на дивиот капитализам, а со тоа и градење на ново, похумано општество.

Во насока на развивање конструктивна јавна дебата по предлогот на Министерството, Институтот ги дава следните коментари и сугестии.

  1. Прагот за повисоката стапка од 18% од приближно 1500 евра месечно е релативно висок, највисок од сите земји во Источна Европа. Со таков висок праг, прокламираните цели на Министерството, за намалување на класните разлики и зголемување на буџетските приходи, ќе бидат задоволени само во релативно мала мера. Затоа, предлагаме спуштање на прагот, и со тоа воведување на повеќе од еден степен во прогресијата на даночењето, почнувајќи со помал процент на најниското скалило.
  2. Со предлогот, всушност, се планира воведување скалест данок со две скалила (прво скалило – до 1500 евра, стапка 10%; второ скалило – над 1500 евра, стапка 18%). Поголем дел од земјите кои имаат прогресивен данок имаат повеќе скалила, а не само две. И Македонија, пред воведувањето на рамниот данок, имаше три скалила. Со поголем број скалила се постигнува поголема прогресивност на данокот, а со тоа и поголема праведност. Затоа, предлагаме воведување и на трето скалило, кое би почнало од шест просечни плати, и би имало стапка од 25%.
  3. Сметаме дека даночната реформа не треба да се сведе само на воведување прогресивен данок на личен доход. Програмата за работа на Владата наведува дека ќе биде укината максималната горна граница за плаќање на придонесите на платите, која е главен извор на регресивноста на оданочувањето на доходот. Програмата за работа на Владата наведува и дека ќе биде воведен прогресивен данок на имот. Предлагаме да не се чека со овие ветувања, туку тие да бидат реализирани паралелно со воведувањето на прогресивниот данок на доход, за уште позначајно да се оданочат капиталистите и екстра богатите, а со тоа и да се намалат класните разлики и за да се обезбедат дополнителни средства за вложување во јавната сфера.
  4. Уште поважно од воведување прогресивен данок на личен доход, според нас, е Владата сериозно да размисли и за воведување прогресивен данок на добивка, затоа што поголемото оданочување на граѓаните треба да биде следено со поголемо оданочување и на компаниите. Компаниите кои остваруваат екстра профити мора да плаќаат повисоки даноци од компаниите кои остваруваат помали профити. Затоа, предлагаме воведување на прогресивен данок на добивка, исто така со три скалила, со стапки од 10%, 18% и 25%.

Став во врска со предлогот на МФ за Прогресивен данок