+389 2 3113 059

ТРАНЗИЦИСКА ПРАВДА ЗА ПОСТКРИЗНИОТ ПЕРИОД ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ТРАНЗИЦИСКА ПРАВДА ЗА ПОСТКРИЗНИОТ ПЕРИОД ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Обидите да се нормализира едно општество коешто тукушто излегло од длабока криза, а неговиот коефициент на кршливост е сѐ уште висок, поточно еднаков на оној од 2015 [1], по пат на легалистички методи, во класични институционални и судски рамки, не можат да вродат со плод кој е одржлив на долги патеки. Поделените општества мора најпрвин да заздрават како општества за потоа и да се воспотави функционално владеење на правото. Референтната литература и организациите со меѓународен авторитет во однос на транзициската правда потврдуваат дека судскиот систем нема моќ на апсорпција на толкав број случаи но и случаи од природа која е покомплексна и укажува на суштинска политичка поделеност а не на криминално поведение. Кога станува збор за општествената поларизација, вината или одговорноста често пати постои во морална смисла и во смисла на општествена одговорност, а е тешко возможно да се врами во правна одговорност. На пример, агитатори, поларизирани граѓани кои само го заоструваат јавниот говор може да придонесат кон продлабочување на кризата иако нивната вина, најверојатно, ќе остане судски недокажлива.

Па, сепак, независно од тоа дали се докажливи сите категории на вина во едно поделено општество и независно од тоа дали судскиот систем има практична моќ да ги апсорбира сите случаи кои се подложни на судско процесирање, клучниот аргумент за да се пристапи кон алатките на транзициската правда е следниот: наместо да се суди и казнува, поголем и поважен приориотет е помирувањето и заздравувањето на општественото ткиво. Судовите на државата стануваат бесмислени кога во општеството владее пустош во поглед на здрави и продуктивни односи функционирајќи во речиси потполна поделеност. После повеќе од две години политичка криза чии рецидиви се провлекуваат до денешен ден, пролонгирана нестабилност која неколку пати нѐ доведе и до работ на безбедносна криза (на пример, трагедијата во Диво Насеље во 2015), македонското општество мора најпрвин да заздрави, а за да заздрави, потребно е двете политички спротиставени страни да се сослушаат, обидувајќи се да ја разберат вистината на спротивната страна.

Праксата на транзициска правда овозможува методи на утврдување на вистината за периодот на криза, а целта ѝ е да овозможи национално помирување. Така, на крајот, би се создале и услови за судско спроведување на правдата кое е, вообичаено придружено со препорака за скалеста амнестија. Комисиите за транзициска правда понекогаш препорачуваат и потполна амнестија (иако, вообичаено, сериозните случаи како воени злосторства и слично, сепак, подлежат и на судска разрешница).

Во оваа смисла, на Македонскиот парламент, му препорачуваме

  • Да ги следи насоките на тела како Канцеларијата на комесарот за човекови права на Обединетите нации и нејзините насоки за спроведување на транзициска правда [2]. Во нив се предложени повеќе методи, меѓу кои и онаа спроведувана во Јужна Африка – комисиите на вистина и помирување, чии сослушувања се вообичаено јавни, скалеста транзициска правда, амнестија како и судски процесирања на определени случаи.
  • Да ги прифати насоките за систематично организирање на процесот дадени од организации како веќе споменатата Канцеларија ОН но и Меѓународниот центар за транзициска правда воспоставувајќи правла и рокови на работа (terms of reference) во согласност со најдобрите пракси.
  • Да воспостави Комисија од лица кои поседуваат углед и се доживеани како неутрални, а тоа, многу често, подразбира и вклучување на меѓународни авторитети кои не мора нужно да бидат правници а, често пати, и не се (може да бидат писатели, активисти, верски великодостојници и сл., но, секако, и правници).
  • Да ја примени скалестата транзициска правда, во која ќе постојат и комисии на вистина и помирување, чии сесии ќе бидат јавни и, следејќи го примерот што го примени Нелсон Мандела во Јужна Африка и, со тоа, ќе овозможат признание и прошка, но и судски процеси за случаите каде што актот на признание и прошка е недоволно праведен одговор (со оглед на тежината на престапот).
  • Скалестата транзициска правда вклучува и делумна амнестија, а за неа препорачуваме да се примени не само на определени лица поврзани со случајот од 27 април 2017 туку и за учесниците во Шарената револуција против кои сѐ уште се водат судски процеси а чиишто престапи во никој случај не загрозиле ничиј живот додека метеријалната штета што ја произвеле е резултат на општествената поларизација која во тој миг имала карактеристики на револуција (да потсетиме: транзициската правда е применлива првенствено во случаи на револуција и промена на режим) [3].
  • Со оглед на тоа дека транзициската правда што би се применила е скалеста, покрај делумна амнестија, ќе биде потребно и судско процесирање на случаите за кои комисијата за вистина и помирување ќе се собере доволно податоци дека постоел обид за физичка ликвидација, терористички напад и слично.

———————————————————-

[1] Fragile States Index 2018, released by the Fund for Peace, available at http://fundforpeace.org/fsi/countrydata/, accessed on 1 September 2018.

[2] Office of the United Nations High Commissioner for Human Rights: Rule-of-Law Tools for Post-Conflict States. United Nations: New York and Geneva, 2006.

[3] Кривично се гонети Мариглен Демири, Здравко Савески и Владимир Куновски, додека прекршочно се обвинети Мирјана Најчевска, Бранко Тричковски, Симона Спировска, Замир Мехмети и др.

– Транзициска правда за посткризисниот период во Република Македонија –

– Drejtësia e tranzitimit për periudhën par krizës në republikën e –