+389 2 3113 059

Магистерски студии: Студии на политики

Опис на програмата:

Интердисциплинарни студии на политиките, кои, освен философија на политиката и правото, вклучуваат и студии на право, политички науки, применети економски истражувања, културна и родова теорија, и друго што припаѓа во интердисциплинарното поле на студии на политиките (policy studies). Интердисциплинарноста, овозможува системски приод кон тематиката додека можноста од избор на тесна проблематика во образовниот процес и изработката на тезата овозможува тематско остручување: политики во областа на културата, здравството, родовата еднаквост, економијата и социјалната еднаквост, итн. Бројните магистерски тези одбранети на Институтот на широк проблмски опфат, ја покажуваат ползата од студиите – најголемиот дел од нашите магистри имаат значајни кариери и придонес кон општествениот напредок, од кои голем дел припаѓаат токму на граѓанското општество, меѓународните организации, вработени во министерства, вработени во културата, социјалата, но и претприемачи-иноватори. Како што беше образложено, и како што е наведено во споментатите меѓународно релевантни анализи, потребата од образование и кадар (во повеќе сектори) со зајакнати капацитети. За разлика од претходните години кога оваа програма повеќе се базираше на општествените науки наместо на хуманистичките, со оваа реакредитација воспоставивме нов баланс кој дава предност на филозофијата и другите полиња кои овозможуваат холистичка мисла и интегративен приод комбинирањето на знаењата од различните дисциплини што е неопходно за успешна интердисициплинарна програма. Новата реалност на дигитализација на глобално ниво наметна и воведување нови предметни содржини како дигитална демократија, дигитални креативни индустрии, планетарни политики и иднината на Европа (како и земјата и регионот во поширокиот европски контекст), вештачката интелигенција и иднината на пазарот на трудот, додека прашањето на родова еднаквост е интегрирано во сите предмети а може и да се студира како подспецијализација благодарение на можноста да се изберат соодветни изборни предмети и тема на магистерската (со тоа звањето останува од областа на студиите на политиките но вашите транскрипти покажуваат потесна специјализација од областа на родот). Истото важи и за културните студии, и политичките науки, како и другите кластери на изборни предмети и предметни содржини од задолжителните. Предметот епистемологија, комбиниран со истражувачки методи овозможува преносни знаења и вештини кои ве оспособуваат за интердисциплинарна мисла (и интерсекторска анализа)

Потребата на пазарот на труд

Пазарот на трудот има потреба од специјалисти од оваа област бидејќи во Северна Македонија не постои можност од академска и професионална квалификација во рамки на програма од оваа област. Студиите на политиките (policy studies) се интердисциплинарно подрачје особено релевантно во современото општество каде што планирањето на управувањето на процесите, од институционално ниво до ниво на компании и невладини организации се одвива во термини на „креирање политики.“ Иако студиите на политики се распространета дисциплина во САД и поголем дел на ЕУ и развиените академски средини на Европа, кај нас управувањето сѐ уште е првенствено прашање на правото, додека policy анализите и планирањата се прават без соодветна академска подготовка од страна на невладини организации или службеници, повторно без академско познавање на студиите на политиките. Нискиот капацитет за креирање политики (сопоставен на високиот степен на способност за продуцирање закони) на нашата администрација, на нашите институции но и на стручната јавност која би требало да мониторира е забележен во последниот SIGMA извештај за земјата (2021).

Во период кога земјата е нужно да го зголеми својот капацитет на овој план, како во рамки на институциите така и на ниво на граѓанско општество, поради потребата на градење интерсекторски политики за кои се бара интердисциплинарна мисла, и полиси визија која не се сведува на пишување или застапување закон, повеќе од потребен е кадар од овој профил. Вообичаено овој тип специјализација, барем во развиените академски средини, се одвива на ниво на втор циклус на студии бидејќи самата интердисциплинарност бара способност за примена на преносни алатки на истражување и учење. Истата потреба во смисла на недостиг на капацитети кај споментатите кадри и сектори, но и во смисла на програмски содржини што ги нудат универзитетите во Р.С Македонија, ја утврди и неодамнешната студија на Science Politiques Универзитетот од Париз/Кампус Дижон, во која учествуваше и нашиот Институт, во рамки на проектот Education for Future Europe (EfE). Врз база на овие студии, нашето образложение за потребата од оваа програма е дека од него ќе имааат полаза: вработените во јавната администрација, вработените во стратешко планирање и човечки ресурси во компаниите, вработените во граѓанскиот сектор и потесно во невладините организаци и тоа во ракми на сите сектори вклучени во процесите на креирање нови политики – од култура до економија и родова еднаквост.


Како што споменавме погоре, кај нас policy анализи се спроведуваат од невладини организации во форма на здруженија и фондации – а понекогаш и од академски профил на организации, институции и поединци – додека самата дисциплина на студии на политиките како мултипроблемско и интердициплинарно подрачје отсуствува од портфолијата на овие поединци и организации. Истото важи и за службениците на јавната администрација како и компаниите каде што човечки ресурски или стратешко планирање работи кадар кој, во најдобар случај, има завршено менаџмент (не е потребно на уважениот одбор да му укажуваме на суштинската разлка помеѓу менаџмент и студии на политиките како policy studies).


Овие процеси (на анализа и планриање) најчесто се сведуваат на преземање готови решенија од Западот и правење минимална адаптација базирана на здраворазумски, нестручни и импровизаторски решенија преземени од секојдневната пракса, а не научно втемелени увиди и методолошка доследност. Во пракса, процесите главно се сведуваат на постојано преработување на законите или повици на менување на законите (од страна на цивилното општество), наместо изумување организациони и одлучувачки механизми пропишани со подзаконски акти или други акти интерни на одлучување и пропишување критериуми, вредности и процедури на посебните институции и организации. Интердисциплинарниот пристап е пресуден за разбирање на повеќеслојноста на прашањето на применливи општествени сознанија, трансформирани во планови за политики, нивен развој и примена, прилагодени на посебниот општествен контекст и прашање.
Самата анализа на контекстот и целните групи, веруваме, доволно укажува за потребата од кадар со овој вид на специјализација, и тоа во секој од институционалните сектори и општествените сфери.

Научен назив со кој се стекнува студентот по завршување на студиската програма:
По завршувањето на студиите и успешната одбрана на магистерскиот труд студентот се стекнува со научен степен: Магистер (м-р) по студии на политиките.
Соодветниот научен степен го стекнуваат кандидатите кои од првиот и вториот циклус на студии ќе освојат вкупно 300 кредити (ЕКТС).

Услови за запишување:
– За едногодишни студии од втор циклус: Диплома (уверение) за завршени 4 години студии (или стекнати 240 кредити според ЕКТС) од прв циклус од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов иако претставува предност, исто како и богатото CV на кандидатката/кандидатот.
– За двегодишни студии од втор циклус: Диплома (уверение) за завршени најмалку 3 години студии (или стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС) од прв циклус од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов иако претставува предност, исто како и богатото CV на кандидатката/кандидатот.

Контакт лице: Ристо Алексовски, Доц. д-р Викторија Боровска [email protected],
Телефон: +389 2 3113 059; +389 72 30 77 04
Интернет страница: www.isshs.edu.mk

Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје е приватна непрофитна научна установа, дел од Регистарот на научни установи што го води МОН (со Решение бр. 30), акредитирана од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија за организирање магистерски студии од областите на општествените и хуманистичките науки.

Трошоци на студирање:
– За едногодишните студиски програми вкупната цена е 750 евра во денарска противвредност за севкупниот студиски циклус, и во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и материјалите за студирање: користење на библиотеката, пријави, преполагања, консултации, диплома, дословно сите услуги и услови се обезбедени без никаков дополнителен и скриен надомест. Износот може да се плаќа според семестар или на најмногу 4 рати за една година. Одбраната на магистерската теза се плаќа одделно и чини 300 евра во денарска противвредност.
– За двегодишните студиски вкупната цена е 1500 евра во денарска противвредност за севкупниот студиски циклус од 2 години, и во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и материјалите за студирање: користење на библиотеката, пријави, преполагања, консултации, диплома, дословно сите услуги и услови се обезбедени без никаков дополнителен и скриен надомест. Износот може да се плаќа според семестар или на најмногу 4 рати за една година, односно во 8 рати за две години. Одбраната на магистерската теза се плаќа одделно и чини 300 евра во денарска противвредност.

Освен во образовните активности, кандидатите, доколку се заинтересирани, можат да бидат вклучени и во проекти кои Институтот за општествени и хуманистички науки-Скопје спроведува: истражувања (особено анализи на политиките) на теми што се однесуваат на општеството, културата, политиката и родовите а, исто така, организира и настани како конференции, јавни дебати, симпозиуми и летни школи. Издаваштвото е дел од редовните активности на Институтот.

ERASMUS POLICY STATEMENT