+389 2 3113 059

КОНКУРС ЗА УПИС НА СТУДЕНТИ НА ПОСТДИПЛОМСКИ СТУДИИ (АКАДЕМСКА: 2024/25)

Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје објавува
КОНКУРС
за академската 2024-2025 година
за упис на студенти на магистерски студии од следниве области:

-Студии на политиките (policy studies), едногодишни
-Студии на политиките (policy studies), двегодишни

УПИСИ ЗА АКАДЕМСКАТА ГОДИНА 2024/2025

(Краен рок за аплицирање: 20 јуни 2024)

Кус опис на содржината на програмата: Интердисциплинарни студии на политиките, кои, освен философија на политиката и правото, вклучуваат и студии  на право, политички науки, применети економски истражувања, културна и родова теорија, и друго што припаѓа во интердисциплинарното поле на студии на политиките (policy studies).

Интердисциплинарноста, овозможува системски приод кон тематиката додека можноста од избор на тесна проблематика во образовниот процес и изработката на тезата овозможува тематско остручување: политики во областа на културата, здравството, родовата еднаквост, економијата и социјалната еднаквост, итн. Бројните магистерски тези одбранети на Институтот на широк проблeмски опфат, ја покажуваат ползата од студиите – најголемиот дел од нашите магистри имаат значајни кариери и придонес кон општествениот напредок, од кои голем дел припаѓаат токму на граѓанското општество, меѓународните организации, вработени во министерства, вработени во културата, социјалата, но и претприемачи-иноватори. Како што беше образложено, и како што е наведено во споментатите меѓународно релевантни анализи, потребата од образование и кадар (во повеќе сектори) со зајакнати капацитети. За разлика од претходните години кога оваа програма повеќе се базираше на општествените науки наместо на хуманистичките, со оваа реакредитација воспоставивме нов баланс кој дава предност на филозофијата и другите полиња кои овозможуваат холистичка мисла и интегративен приод комбинирањето на знаењата од различните дисциплини што е неопходно за успешна интердисициплинарна програма.

Новата реалност на дигитализација на глобално ниво наметна и воведување нови предметни содржини како дигитална демократија, дигитални креативни индустрии, планетарни политики и иднината на Европа (како и земјата и регионот во поширокиот европски контекст), вештачката интелигенција и иднината на пазарот на трудот, додека прашањето на родова еднаквост е интегрирано во сите предмети а може и да се студира како подспецијализација благодарение на можноста да се изберат соодветни изборни предмети и тема на магистерската (со тоа звањето останува од областа на студиите на политиките но вашите транскрипти покажуваат потесна специјализација од областа на родот). Истото важи и за културните студии, и политичките науки, како и другите кластери на изборни предмети и предметни содржини од задолжителните. Предметот епистемологија, комбиниран со истражувачки методи овозможува преносни знаења и вештини кои ве оспособуваат за интердисциплинарна мисла (и интерсекторска анализа)

Изберете една од можните потесни насоки во рамки на оваа програма (тие се формираат преку пакетот изборни предмети и темата на магистерската). Ова значи: Магистер од полето на студии на политики и областа 1) култура, 2) род, 3) политичка економија, 4) добро управување, 5) граѓанско општество

Услови на запишување:
– за едногодишните студии: 4 години додипломски студии (или стекнати 240 кредити според ЕКТС) од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов, иако претставува предност.
– за двегодишните студии: 3 години додипломски студии (или стекнати 180 кредити според ЕКТС) од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов, иако претставува предност.

Голем дел од наставниот материјал е достапен и на англиски јазик, па затоа се очекува студентите солидно да го владеат овој странски јазик.

Број на слободни места: 15

Краен рок за аплицирање: 20 јуни 2024 година

Потребни документи:
– Пополнета пријава за упис на студии може да се преземе од интернет страницата на Институтот: www.isshs.edu.mk (под рубриката „Студиски програми“ во менито на насловната македонската верзија на страницата) или со пристапување до линковите на крајот од оваа страница (каде пријавата има свој посебен линк). Во оваа етапа на аплицирање единствено е потребно да ја пополните електронската пријава која можете да ја најдете на следниот линк. По завршување на процесот на селекција, пред потпишување на договорот за студирање ќе треба да ја приложите пријавата со ваш своерачен потпис.
– Диплома или уверение за завршени студии од прв циклус (4 години или 240 кредита за едногодишните студии, односно 3 години или 180 кредити за двегодишните студии) од областите на општествените и хуманистичките науки или, доколку кандидатката/кандидатот сѐ уште не дипломирал/а, може да достави документ за досега положените испити, а дипломата (уверението) ќе ја достави дополнително пред потпишувањето на договорот за упис. Нотарски заверената копија од дипломата/уверението за дипломирање се доставува и во тврда копија пред потпишувањето на договорот за студирање.
– Лична биографија (CV).

Пријавата со придружните документи можат да се достават по пошта на адресата на Институтот (ул. „20 октомври“ бр. 8-2, 1000 Скопје). Исто така, пријавата во PDF форма со потпис на кандидатот/кандидатката може да се поднесе и електронски на [email protected].

Трошоци на студирање:
– За едногодишните студиски програми вкупната цена е 750 евра во денарска противвредност за севкупниот студиски циклус, и во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и материјалите за студирање: користење на библиотеката, пријави, преполагања, консултации, диплома, дословно сите услуги и услови се обезбедени без никаков дополнителен и скриен надомест. Износот може да се плаќа според семестар или на најмногу 4 рати за една година. Одбраната на магистерската теза се плаќа одделно и чини 300 евра во денарска противвредност.

– За двегодишните студиски вкупната цена е 1500 евра во денарска противвредност за севкупниот студиски циклус од 2 години, и во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и материјалите за студирање: користење на библиотеката, пријави, преполагања, консултации, диплома, дословно сите услуги и услови се обезбедени без никаков дополнителен и скриен надомест. Износот може да се плаќа според семестар или на најмногу 4 рати за една година, односно во 8 рати за две години. Одбраната на магистерската теза се плаќа одделно и чини 300 евра во денарска противвредност.

Институцијата е носител на Ерзмус чартер за високото образование во Европа 2021-2027. Оценката за доделување на чартерот може да ја пронајдете овде каде што се подвлекува посветеноста на Институтот на меѓународната академска димензија и неговото солидно разбирање на целите и вредностите на Еразмус програмата. Преку Еразмус+ шемата за мобилност на студенти и наставен кадар помеѓу високообразовни установи од програмските земји (ЕУ членките и Северна Македонија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Србија), овозможуваме директна проодност во европските високообразовни институции по пат на „Европскиот кредит трансфер систем“ според кој работи Институтот (како и сите акредитирани високообразовни установи во земјава). Така, со добар дел од кредитите стекнати во други високообразовни установи во Европа и извесен број стекнати во домашната установа, може да ја одбраните својата магистерска теза на Институтот. Институтот во моментот има потпишано договори  за размена на студенти и професори со неколку универзитети од овие земји, како што се: Централно Европски Универзитет (ЦЕУ, Виена), Универзитетот Гисен (од Германија), Универзитетот Утрехт (од Холандија), Универзитетот Македонија и Универзитетот Пантеон (од Грција), Универзитетот Пловдив (од Бугарија), Факултетот за медиуми и комуникација, Белград (од Србија) и Универзитетот Пантеон од Атина (Грција).  Заинтересираните студенти запишани на Институтот ќе имаат можност дел од своето образование да го поминат на некој од овие универзитети

Институтот располага со библиотека од над 2100 наслови на физички книги и повеќе од 4200 наслови на сертифицирани електронски книги и стручни списанија.

Бројни меѓународни имиња со статус на визитинг професор може да станат ваши ментори. Листата на визитинг и домашни постојано ангажирани или визитинг професори може да ја видите на овој линк

Лица за контакт: Ристо Алексовски и проф. Викторија Боровска (Координаторка на постдипломските програми и Еразмус координаторка), достапни на [email protected][email protected], [email protected] и на тел/факс.: +389 2 31 13 059 / 070 894 174

Листа на предмети: Студии на политиките (едногодишни)

Листа на предмети: Студии на политиките (двегодишни)

Опис на предметите Студии на политиките (едногодишни и двегодишни)

ERASMUS POLICY STATEMENT