+389 2 3113 059

Авении на соработка на тема разрешување културни судири

Проект Авении на соработка на тема разрешување културни судири, градење регионална припадност од онаа страна на границата на „Западен Балкан,“ и оживување на процесите на проширување.

Институтот за општествени и хуманистички науки, заедно со научници и јавни интелектуалци од Бугарија, Грција, Чешка, Унгарија, Словачка и Полска, отпочнува научно-истражувачки и застапувачки проект кој настојува да пронајде решение за културниот судир меѓу македонската и бугарската држава, како и нивните општества, кој резултираше со блокада на следниот чекор на пристапување на Македонија кон Европската унија. Ваквиот потег ја засегна европската иднина и на остатокот од регионот кој настојува да ѝ пристапи на Унијата. Решението кое настојуваме да го најдеме е двојно: нов епистемолошки приод кон прашањето кое е од мултидисциплинарна природа, значи – академско решение, како и решение во смисла на политики (policy) кое може да се применат за надминување на судирот (во смисла на културен конфликт). Напоредно со ова, проектот ќе настојува да го отвори дискурсот за надминување на табуа, преиспитување на закостени национални митови од двете страни на границата, идентификација на културниот конфликт. Овој конфликт неретко се нарекува и етно-национален, но тој, сепак, се сведува на културен бидејќи е идентитетски и ја засега т.н. културна интима. Затоа, надоврзувајќи се на компаративни искуства како оние на Чешка и Словачка, Полска и Германија но секако и македонско-грчкиот судир на култури и наративи на градење нација, учесниците во проектот ќе настојуваат, по пат на жива медиумска расправа, да создадат дискурс на взаемна доверба кој ќе помогне во надминувањето на конфликтот. Учесници во проектот се професорите, научни работници, но и активисти и јавни интелектуалци како: Стефан Дечев, Љупчо Петковски, Димитар Бечев, Катерина Колозова, истражувачи на институтот Никос Пуланзас од Атина (и/или Пантеон универзитетот), Михал Вит, Спасимир Домараџки, Габор Еги, Магда Јакубовска и други.

Проектните активности, во различни делови, се поддржани од Вишеградскиот фонд и Балкански траст за демократија-Маршаловиот фонд (Balkan Trust for Democracy – German Marshall Fund of the US, Belgrade).