+389 2 3113 059

МАГИСТЕРСКИ ТРУД – КАТЕРИНА КОЛЕВА

Автор: Катерина Колева
Наслов: Локалната власт и децентрализацијата во Република Северна Македонија – со посебен осврт на општините од југоисточниот плански регион
Година: 2021
Институција: Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје
Ментор: проф. д-р Катерина Колозова

Кога се зборува за децентрализација, треба да се има предвид дека тоа не е еднократна политика која треба да се реализира во стварноста, туку длабок и системски процес кој бара подолг временски период за трансформација на инфраструктурата и практиките. Тоа претставува нов систем во кој научните теории се среќаваат со практичните потреби на терен. Во науката за политика постојат повеќе дефиниции кои се обидуваат да го објаснат поимот на децентрализација и неговото значење.

Децентрализацијата е дефинирана, согласно американската програма за помош, како трансфер на одговорности за планирање, менаџирање и наоѓање ресурси и нивна алокација од централната власт на локалните власти. Следствено на ова, основните видови на децентрализација се: деконцентрација, делегирање (префрлање на надлежности), деволуција и приватизација, кои често се споменуваат во политичката реторика. Децентрализацијата е поделена на три главни фази: политичка, административна и фискална.

Децентрализацијата – доделување фискални, политички и административни одговорности на пониските нивоа на власт – се случува насекаде во светот, поради различни причини, на различни начини и со различни средства.

Овој труд има за цел да ја прикаже поврзаноста меѓу граѓаните, граѓанското општество и локалната самоуправа, нивниот заемен однос, одговорностите и надлежностите што ги имаат. Се анализира дали граѓаните реално имаат институционална моќ да влијаат врз локалната власт и како локалната власт се справува со задачата да обезбеди ефикасна и ефективна општина.

Понатаму, трудот ги разгледува прашањата поврзани со влијанието на децентрализацијата врз намалувањето на сиромаштијата, зголемувањето на ефикасноста, доброто владеење и ефективната децентрализација во Македонија, со посебен осврт на општините од југоисточниот плански регион. Целта е да се покаже дека во овие општини не постои доволно развиена политичка свест кај граѓаните за моќта што ја имаат да ја држат локалната власт одговорна, поради што се нудат решенија насочени кон зголемување на граѓанската свест и преземање поголема одговорност од страна на властите.

Емпириското истражување во југоисточниот плански регион покажа дека граѓаните не се консултирани за нивните реални потреби и мислења, не се вклучени во процесите на креирање и донесување одлуки, а општините не се доволно агилни во однос на промената на политичката култура. Ова резултира со слаби ефекти од децентрализацијата, кои не произлегуваат директно од самиот процес, туку од недостиг на политичка култура и одговорност и кај граѓаните и кај власта.

Градењето на демократска локална самоуправа во Македонија започнало по падот на социјалистичкиот модел на управување, со донесувањето на Уставот во 1991 година, каде локалната самоуправа е дефинирана како една од темелните вредности на државата, заедно со принципите врз кои таа е организирана.

Трудот ја дава теоретската рамка за децентрализацијата, нејзините вредности, принципи и практики, како и краток преглед на состојбата на локалната самоуправа и граѓаните во југоисточниот плански регион. Резултатите од емпириското истражување претставуваат квантитативен показател за таа состојба и овозможуваат нејзин јасен приказ.

Клучни зборови

децентрализација, локална самоуправа, граѓанско општество, политичка култура, добро владеење, југоисточен плански регион, Република Северна Македонија

Преземи магистерски труд

https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2026/01/Maгистерски-труд-Катерина-Колева.pdf