+389 2 3113 059

Став на 13 граѓански организации во врска со наметнување службена регистрација за ДДВ за физички лица

Став на 13 граѓански организации во врска со наметнување службена регистрација за ДДВ за физички лица

Ние, долупотпишаните организации реагираме во врска со наметнувањето службена регистрација за ДДВ за физички лица во страна на Управата за јавни приходи, и сакаме да ја информираме јавноста дека надлежните институции повторно постапуваат непринципиелно и неконструктивно, иако јавно укажаа дека ќе постапат во согласност со добрите практики, а после нашата реакција од 30. јануари 2018 година

И овој став е во функција на подобрување на владеењето на правото, зајакнување на правната сигурност, подобрување на услугите од страна на јавниот сектор кои граѓаните на Република Македонија се уште не можат да ги уживаат на задоволително ниво.

Граѓанските организации, потписници на овој став и реакција, најостро го осудуваат непринципиелниот и неконструктувниот обид на Владата да врши службена регистрација на физичките лица како обврзници за ДДВ. Во јануари, потписниците излегоа со детален, принципиелен и конструктивен став за регистрацијата на физичките лица за ДДВ, укажувајќи на проблемите со дефинирањето на стопанската дејност, континуираноста, инсистирањето на подведување на авторските договори како стопанска дејност итн. Главната аргументација на таа наша реакција беше дека е во спротивност со принципите на владеењето на правото за кои се залагаше оваа влада.

Линк до реакцијата од 30ти јануари 2018: https://tinyurl.com/y9tc7ddx

Линк до брифот за политики за владеењето на правото и ДДВ за физичките лица во Македонија може да го прочитате овде: https://tinyurl.com/y9hhdlzk

Тивкото наметнување службена регистрација започнувајќи од јуни 2018 е во спротивност со принципите на конструктувност и владеење на правото. Владата не покажува волја да дебатира за прашањето на ДДВ за физички лица и да ги сослуша аргументите на засегнатите страни, а потоа да ги воведе решенијата во законската регулатива на конструктивен начин.

13 граѓански организации потписници на овој став и реакција ја повикуваат Владата да се повлече од службена (присилна) регистрација на физичките лица за ДДВ цели и:

1. Да се отвори јавна дебата за потребата физичките лица да влезат во системот на ДДВ, со објаснување/едуцирање зошто е тоа потребно и како е направено во земјите на ЕУ.

2. Да се допрецизира самостојна стопанска дејност во Законот за ДДВ (со посебен подзаконски акт), и да се усогласи со другите релевантни закони (на пр., Закон за трговски друштва).

3. Јасно да се разделат авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ (создавање авторски дела за „општо добро“ – по примерот на ЕУ), од оние авторски договори кои по природа се консултантски договори и кои може да бидат предмет на ДДВ цели.

4. Да се направи анализа на административниот капацитетот и ефикасноста на УЈП за администрирање на јавните давачки кои ги администрира и потоа да се постави соодветна граница за потребите на ДДВ за прометот на лица обврзници на ДДВ.

5. Да се организираат трибини и советувања за предложените законски решенија, во кои ќе бидат вклучени УЈП и сметководителите.

6. Да се надгради регистарот на физички лица обврзници на ДДВ, со јасно назначување на нивната самостојна стопанска дејност.

7. Во меѓувреме, УЈП да го надгради својот административен капацитет за ефикасно спроведување на законската измена. При тоа во фазите на системскиот инженеринг за администрирање да се почитува фазата на тестирање на системот која треба да се изолира од и не смее да се поклопува со фазата на употреба на системот.

8. Дополнувањата на Законот да се донесат транспарентно и инклузивно, а едукативната кампања да продолжи континуирано.

9. Законот да се спроведува најрано од моментот на донесувањето на измените и регистрацијата за ДДВ да важи од момент на исполнување на условите претходно дефинирани за регистрација на ДДВ.

ПОТПИСИ:

1. Центар за економски анализи
2. Finance Think
3. Центар за даночна политика
4. Транспаренси Интернешнл – Македонија
5. Евротинк
6. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
7. Фондација отворено општество Македонија
8. Институт за демократија Социетас цивилис – Скопје
9. Институт за европска политика – Скопје
10. Институт за комуникациски студии
11. Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје
12. Analysis and advisory group
13. Центар за управување со промени