+389 2 3113 059

Модел за деполаризација – Политичкиот дијалог и граѓанското учество во надминување на општествената поларизација

Модел за деполаризација – Политичкиот дијалог и граѓанското учество во надминување на општествената поларизација

Публикацијата „Модел за деполаризација – Политичкиот дијалог и граѓанското учество во надминување на општествената поларизација“ е дел од проектот „Општествена нормализација: Јакнење на политичкиот дијалог и деполаризација на јавниот дискурс“ спроведуван од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и поддржан од програмата на Цивика Мобилитас.[1] Целта на овој проект е да придонесе кон деполаризација на општеството преку промена на дискурзивните практики на политички антагонизам и дијалог меѓу клучните општествени актери.

Моделот за деполаризација е резултат на неколку активности што беа спроведени како дел на проектот, но и резултат на повеќегодишната програма и посветеност на Институтот во истражување и предлагање на решенија за феноменот на поларизација и пошироко тенденцијата кон илиберално – демократски форми на управување. На овој модел му претходеше анализата „Поларизирачкиот дискурс и влијанието врз политичката и социјалната поларизација во македонското општество“. Документот го анализираше јавниот дискурс со цел да се покаже нивото на поларизираност и ефектите врз процесот на креирање политики и општествена поларизација. Во создавањето на моделот вградени се искуствата, мислењата и анализите што беа споделени на организираните работилници и дебати во четири региони на Македонија во општините Валандово, Гостивар, Битола и Скопје на кои учествуваа над 100 претставници на граѓанското општество, политичките партии, медиумите, младите и експертите.
Целта на оваа публикација е да послужи како водич за засегнатите страни – политичките партии, граѓанските организации, медиумите, но и за поширокота јавност за препознавање и пресретнување на политичката поларизација. Моделот исто така претставува водич и во наредните активности во рамки на проектот, односно за формирањето неформална мрежа со неколку граѓански организации. Тие во дијалог со политичката јавност и локалните (но и националните) претставници на медиумите ќе постават приоритети и практични цели во застапување политики со натпартиски интерес и околу кои ќе се мобилизираат претставници на политички партии и претставниците на власта и опозицијата на локално ниво.

Публикацијата опфаќа 6 чекори на разбирање, детектирање и мобилизирање за пресретнување на поларизацијата. Методите на пресретнување се темелат на создавање алијанси на премостувачи што имаат за цел застапување на интересите на граѓаните наместо инсистирање на партиска поларизација со ефекти на поширока општествена поларизација.

———–

[1] Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска. Целта на програмата е општествените промени во Северна Македонија да бидат поттикнати од силен граѓански сектор, активни граѓани и добра соработка со властите, што резултира со потранспарентно, поотчетно и социјално-инклузивно управување како на централно, така и на локално ниво

Модел за деполаризација