+389 2 3113 059
enmk

Nationless / Актуелизација [Изложба и конференција]

30 May 2017

Nationless / Актуелизација [Изложба и конференција]

Уметници и теоретичари од Македонија, Грција, Албанија, Косово и Србија во сабота и недела (5-6 Декември) ќе се сретнат во Скопје во Младинскиот културен центар МКЦ на изложба и конференција Nationless/Актуелизација во организација на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје на соочување и размена на регионална теорија, активизам и уметнички практики.

Ова е последниот од серијата настани од проектот Nationless во кој ќе сретнат теоретичарите и уметниците од Македонија, Грција, Албанија, Косово и Србија и кои преку уметнички дела и свои излагања ќе ги прикажат своите согледувања за можностите на соработка и заедничко истражување во уметноста и теоријата на балканот во насока на преиспитување, реструктуирање и актуелизација на ослободувањето и автономијата наспроти националистичкото производство на субјективноста.

Во сабота во 20:30 ч во галеријата на Младинскиот културен центрар ќе биде отворена изложбата Actual art, a rupture within the antagonism во која учество ќе земат Драган Протиќ, Бранко Тешевиќ, Даринка Поп Митиќ, Курс Организација, Олсон Ламај, Дритон Селмани, Висар Арифај, Јорданис Стилидис, Ангелики Авгитиду , Нада Прља , Филип Јовановски , Велимир Жерновски и Ѓорѓе Јовановиќ.

Во недела од 17ч во галеријата на Младинскиот културен центрар ќе се одржи дискусија со наслов Sabotaging the nationalist recurrence, towards a theory of possibilities а свои обраќања ќе имаат; Ивана Момчиловиќ, Артан Садику, Агон Хамза, Винсент ван Гервен Ои.

По првиот настан Автономија/Ослободување одржан во април во Скопје во Младинскиот културен центар , Нација/ Еманација одржан во јуни во Белград во Музејот на историја на Југославија , Рефлективната носталгија и нејзината секојдневна естетика, одржан во октомври во Музејот на современа уметност во Солун, Актуелизација е четвртиот и финален настан од проектот Nationless, заеднички труд на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, ДАМ-ДАШ- Белград и Универзитетот во Солун – Оддел за балкански, славистички и ориентални студии.

Проектот NATIONLESS цели да отвори простор за уметничка интервенција, промислување и пре-промислување на проблемот на национализмот и неговата општествена репродуктивна моќ во рамките на специфичен фокус на прекинатата комуникација и скоро целосното отсуство на соработка меѓу регионалните уметници и интелектуалци. Целта, сепак, не е да се надмине овој проблем на недостаток на соработка туку, попрво, преку уметнички интервенции да се предизвикаат конкурентните национализми вo различните земји преку уметничко-политички и теоретски истражувања на идејата за „нацијата”. Политичкиот статус на „националноста” е главниот столб на сите останати политички и социјални категории и процеси во овие три земји. Тој го детерминира културниот капитал на националноста и националното потекло што понатаму врши влијание врз економските процеси и можностите за општествена мобилизација и солидарност. Затоа, целта на овој проект е проблематизирањето на национал(ните)истичките идентитетски политики што се „инклузивни” за едните, а секогаш „ексклузивни” за другите и ја парализираат сета политика што ја разобличува светоста на етничкиот принцип на општествена мобилизација. Проектот претставува противтежа на постојните политички тенденции преку ангажирање на активисти за рушење на социјалните последици од популарниот национализам.

Проектот претставува иновативен и интердисциплинарен приод кон развивање на алатки преку произведувачки процес и претставува придонес кон генералната современа практика во уметноста и теоријата во балканскиот регион. Овие алатки се отворени за понатамошна апликација, модификација и адаптација, а со тоа ќе овозможат пројавување на новата трансформативна практика врз основа на овој проект.

Leave a Reply