+389 2 3113 059

Проект поддржан од Вишеградскиот фонд: Авении на соработката

Проект поддржан од Вишеградскиот фонд: Авении на соработката

Врз основа на претходни истражувања на темата перцепција за етнички и национални идентитети, изведувани со помош на емпириски истражувачки алатки (квантитативни и квалитативни), како и истражувања од областа на разрешување конфликти, Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје, во соработка со партнерите од  Чешка, Полска и  Унгарија, а со поддршка на Вишеградскиот фонд,[1] отпочнува проектни активности кои имаат за цел да понудат објаснување и разрешување на културно-идентитетскиот судир помеѓу официјалните историографски наративи на Северна Македонија и Бугарија. Сметаме дека објаснувањето на природата на проблемот, со допирање на точките на фрустрација на „културната интима“ (Мајкл Херцфелд) кои се табуизирани но сепак прикриено присутни па и го диктираат јавниот дискурс на двете страни од границата, ќе овозможиме тло за помирување и разрешување на културниот конфликт. Веруваме дека без своевидна катарза на овој план не е можно помирување, а без помирување не е возможна ниту доверба ниту дијалог на чесни намери. Целта не проектот е да помогне во создавањето на овие предуслови, додека решението го остава во рацете на политичарите. Сепак, како институти кои се занимаваат првенствено со мултипроблемски студии на политики, ќе се обидеме да понудиме и еден вид на скица-решение и соодветни препораки до раководствата на двете земји, Европската комисија и владите на Вишеградската група. Насловот на проектот е Авении на соработката – Патот до взаемна припадност, со тоа што припадноста што ја имаме на ум се однесува на сегашноста и иднината а не минатото. Во оваа смисла, вклучувајќи и колеги од Грција, проектот настојува да промовира или осветли веќе постоечка стварност на припадност на регион кој е непосредното опкружување на државата Македонија – ЕУ, во лицето на соседните земји, Грција и Бугарија, наспроти Западен Балкан кој е физички а и културолошки можеби подалечен од македонското општество. Истражувачи-лидери на проектот се проф. д-р Катерина Колозова и проф. д-р Стефан Дечев код Софија кој е визитинг-научен соработник на Институтот.

[1] Партнери: Res Publica Foundation – Poland, Institute for Modern Development – Czech Republic, Institute of Political History – Hungary; донатор: Visegrad Fund, основан од владите на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија чија цел е поддршка на соработката меѓу земјите на Вишеградскиот регион како и меѓу овој регион и оно на Западен Балкан и други земји од Источна Европа https://www.visegradfund.org/about-us/the-fund/

Дознај повеќе за проектот на следниов линк