+389 2 3113 059

МАГИСТЕРСКИ ТРУД- КРИСТИНА КОЛОЗОВА-АНТОВИЌ

Автор: Кристина Колозова-Антовиќ
Наслов: Постигнување на суштинска рамноправност помеѓу мажите и жените видена преку статусот на жената на работното место
Година: 2016
Студиска програма: Родови студии

Апстракт

Од одржувањето на Четвртата светска конференција за жените во Пекинг во 1995 година се постигнати значајни позитивни промени во насока на унапредување на рамноправноста на жените. Сè поголем број девојчиња и жени имаат пристап до образование, жените во поголема мера учествуваат на пазарот на трудот, а зголемено е и нивното присуство во политиката како избрани претставници и носители на јавни функции. Дополнително, родово базираното насилство, кое во минатото се третирало како приватна и семејна работа, станува предмет на јавни дебати и законски реформи.

Сепак, и покрај овие видливи и важни промени, тие не секогаш резултираат со суштинско подобрување на животната положба на жените. Конкретните резултати од спроведените правни и институционални реформи често изостануваат. Жените и понатаму имаат пониско учество на пазарот на трудот во споредба со мажите, добиваат пониски примања за иста или слична работа и се соочуваат со долгорочни економски последици, како пониски пензии или нивно целосно отсуство.

Трудот укажува дека економските и социјалните нееднаквости со кои се соочуваат жените не се резултат само на директна дискриминација, туку и на повеќеслојна индиректна дискриминација која започнува уште во раното детство и продолжува во приватната, јавната и професионалната сфера. Особено внимание се посветува на неплатениот труд, грижата за деца, стари и болни членови на семејството и нивното влијание врз економската активност на жените.

Како можен одговор на овие состојби, трудот ја истакнува потребата од ревидирање и доследна примена на родовиот мејнстриминг преку економските и социјалните политики, како и неопходноста од колективно дејствување во областа на теоријата, женските движења и креирањето јавни политики со цел постигнување суштинска, а не само формална родова рамноправност.

Клучни зборови

родова рамноправност, статус на жената, пазар на трудот, родов јаз во примањата, родов мејнстриминг, социјални политики

Преземи магистерски труд

https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2026/01/Maгистерски-труд-Кристина-Колозова-Антовиќ.pdf