+389 2 3113 059

МАГИСТЕРСКИ ТРУД – БИЛЈАНА ТАНЕСКА

Автор: Билјана Танеска
Наслов: Катарза на политичка култура во Македонија
Поднаслов: „Политичката култура во Македонија и нејзиното влијание врз стабилноста и демократијата“
Година: /
Институција: Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје
Ментор: Доц. д-р Здравко Савески

Апстракт

Оваа теза зборува за тоа каква политичка култура има во Македонија. Иако голем број испитаници во рамки на спроведената анкета се согласуваат дека постои политичка култура во државата, сепак за тоа каква е таа даваат различни одговори, а сходно на тоа и како треба да дојде до нејзина промена останува нејасно од повеќе причини.

Најчестите оправдувања или изговори се рамнодушноста, удобноста во сопствениот конформизам, добивањето партиска книшка или пополнување апликација со надеж таа да влезе во официјалните статистики за миграцијата на македонското население. Не треба да се занемари ниту незнаењето. Не помалку важни се и ставовите изразени преку статусите на социјалните медиуми, кои за многумина се доволни бидејќи „ништо и онака нема да сменам“.

Она што произлегува од тезата е потребата од катарза на политичката култура со цел да се постигнат дијалог и толеранција. За да се постигне тоа, неопходен е ангажман и учење уште од најрана возраст. Тезата покажува колку е значајно влијанието на граѓанскиот активизам врз демократските процеси и стабилноста на државата. Колку е поголемо учеството на поединците во политичките процеси, толку е поголема и стабилноста и развојот на демократијата.

Развојот на една држава зависи од меѓусебната помош, солидарноста и довербата меѓу луѓето, додека односите засновани врз принуда и зависност го кочат напредокот. Неминовно е учеството на граѓаните во политичките процеси, започнувајќи од изборот на куќен совет во зградите, па сè до граѓанските иницијативи како „ден без возила“.

И покрај постоењето на Устав и закони, поделба на власта, слободни и демократски повеќепартиски избори, слобода на медиуми и говор, резултатите од анкетата покажуваат дека постои недоверба во институциите, најчесто поради високото ниво на корупција. Ваквите состојби оставаат траги во функционирањето на политичките институции и во социјалниот контекст.

Без солидарноста и социјалната и општествената доверба како интегрални делови на партиципативна политичка култура, не може да се зборува за напредок и демократија, ниту за доброто на сите. Тезата дава одговори на прашањата каква е и каква може да биде политичката култура во една суверена, самостојна, демократска и социјална држава и дали и како таа може да се менува и развива.

Клучни зборови

политичка култура, демократија, граѓански активизам, политичко учество, доверба, институции, стабилност

Преземи магистерски труд

https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2026/01/Магистерски-труд-Билјана-Танеска.pdf