+389 2 3113 059

МАГИСТЕРСКИ ТРУД – АЛЕКСАНДРА САРЏОСКА

Автор: Александра Сарџоска
Наслов: Мултикултурното образование за идни наставници и нивните компетенции за работа во мултикултурна средина во Република Македонија
Година: 2016
Студиска програма: Студии на култура
Институција: Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје
Ментор: Маја Мужик

Апстракт

Мултикултурното образование претставува пристап на учење и подучување кој се базира на демократски вредности и кој го афирмира културното разнообразие. Потребата идните наставници да бидат обучени и едуцирани за мултикултурно образование е дел од нивното универзитетско образование и во нашиот контекст тоа е од есенцијално значење.

Оваа магистерска работа се фокусира на дефинирањето на значењето на концептот на мултикултурното образование во рамки на универзитетските курсеви за идни наставници во Република Македонија, како и на дефинирањето на компетенциите и вештините за мултикултурен наставник. Тезата ги исполнува истражувачките цели преку имплементација на втемелената теорија (grounded theory).

Мултикултурното образование најчесто се дефинира преку разбирањето на мултикултурализмот како различен од интеркултурализмот, кој претставува второ ниво на развој на интеракциите во општеството. Најчесто подразбира две нивоа: индивидуално ниво, кое се однесува на развојот на потребните вештини и компетенции, и институционално ниво, што значи апликација на мултикултурни политики на училишно ниво.

Од друга страна, потребните вештини и компетенции за идниот наставен кадар се организирани на пет нивоа:

  1. теоретски перспективи за мултикултурното образование,
  2. апликација на знаењето и разбирањето и дидактички пристапи во подучувањето,
  3. креирање ставови,
  4. комуникациски вештини и
  5. вештини за критично мислење.

Може да се заклучи дека во мултикултурен контекст идните наставници треба да работат на развојот на индивидуалните вештини со цел да се справат со предизвиците на мултикултурното општество, да го унапредат знаењето, комуникациските вештини и критичното мислење. Мултикултурните политики се важен чекор за обезбедување имплементација на училишно ниво.

Концептите за мултикултурно образование кои доаѓаат однадвор не треба едноставно да се копираат, туку треба да одговорат на потребите на конкретниот контекст и ситуација. Потребно е да се фокусираме на продуктивна дискусија за тоа како изгледа нашата мултикултурна реалност и, врз основа на ваквите нормативни дискусии, да креираме образование кое најдобро ќе одговори на мултикултурните предизвици.

Клучни зборови

мултикултурно образование, идни наставници, компетенции, мултикултурализам, интеркултурализам, образовни политики, демократски вредности

Преземи магистерски труд

https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2026/01/Maгистерски-труд-Александра-Сарџовска.pdf