+389 2 3113 059

МАГИСТЕРСКИ ТРУД – АДРИЈАНА ЃЕЛЕВСКА

Автор: Адријана Ѓелевска
Наслов: „Услови во Република Северна Македонија за економско и психолошко зајакнување на родителите со одземено родителско право, со цел брза и квалитетна реинтеграција на децата од згрижувачките семејства во нивните биолошки семејства“
Година: 2022
Студиска програма: Магистерски студии по студии на политиките
Институција: Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје
Ментор: проф. д-р Бранимир Јовановиќ
Ко-ментор: проф. д-р Ана Блажева

Апстракт

Главната цел на магистерскиот труд е да ја истражи потребата за креирање нови политики за реинтеграција на децата без родители и без родителска грижа, од алтернативна грижа, во нивните биолошки семејства, како и услови за превентивно делување кај семејства во ризик (родители со слаби родителски вештини, напуштање на детето, сиромаштија, запоставување на развојните потреби кај детето, родители корисници на психотропни супстанци). Магистерскиот труд го истражува процесот на спречување детето да биде одземено од биолошко семејство и сместено во алтернативна грижа, но согласно со најдобриот интерес на самото дете во рамки на Република Северна Македонија (РСМ).

Истражувачкиот дел се спроведе преку структуирани индивидуални интервјуа и пополнување на онлајн прашалник со цел да се опфатат ставовите и мислењата кои се споделени од страна на вработените во Центри за социјална работа, вработените во установи за згрижување на деца, деца кои се згрижени во алтернативна грижа, како и мислењето на општата популација во земјава на темата: „Алтернативна грижа и политики за превентивни програми кај децата во ризик од губење на родителска грижа“.

Законот за социјална заштита, и покрај големиот број на промени, сепак има потреба од поголем фокус кон превентивните програми за зајакнување на семејствата во ризик и зајакнување на родителите преку отворање на поголем број советодавни центри, како и редефинирање на критериумите за стекнување право на користење мерки од Законот за социјална заштита. Согласно резултатите од направеното истражување, во нашата земја постојат само две советувалишта кои се под надлежност на СОС Детско село, со локација во општините Гази Баба и Шуто Оризари. Двата центри работат со семејства во ризик на територија на град Скопје.

Главната цел на советувалиштата е на децата кои се изложени на ризик да ја изгубат грижата од своето семејство да им се овозможи да растат во грижливо семејно опкружување, при што примарниот фокус е ставен на спречување на раздвојувањето на децата од биолошкото семејство.

Социјалната политика во нашата држава е директно насочена кон згрижување на децата во згрижувачки семејства и мали групни домови, но многу малку се работи со родителите и на зајакнување на нивните капацитети, со цел надминување на социјалниот ризик и создавање услови во семејството каде детето безбедно ќе расте и ќе се развива.

Големиот број на деца згрижени во алтернативна грижа, како и растечкиот број на семејства кои користат мерки од Законот за социјална заштита, дополнително ја отежнуваат и така слабата економска состојба на државата, при што се создаваат пасивни генерации кои живеат на работ на егзистенција со единствен приход – парични средства предвидени со Законот за социјална заштита.

Целта на истражувањето е насочена кон создавање здрави, економски стабилни и проактивни родители кои целосно се посветени на улогата родител и заштита на своето дете.

Клучни зборови

реинтеграција, деца без родители и без родителска грижа, алтернативна грижа, закон за социјална заштита

Преземи магистерски труд

https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2026/01/Maгистерски-труд-Адријана-Ѓелевска.pdf