МАГИСТЕРСКИ ТРУД – АНА-МАРИЈА ЦИГЛЕЊАК СИМОНОВСКА
Автор: Ана-Марија Циглењак Симоновска
Наслов: Децентрализација на социјалните услуги – Симбиоза помеѓу владиниот и невладиниот сектор во служба на граѓаните
Година: 2021
Студиска програма: Студии на политики
Апстракт
Во нашата држава, како земја која тежнее кон членство во Европската Унија, одамна се согледува потребата воспоставениот систем на социјалната заштита да се доближи до меѓународните стандарди преку носење на низа законски и регулативни промени кои во извесен сегмент ќе ги рефлектираат позитивните искуства од земјите членки во ЕУ. За таа цел, првенствено е потребно да се интензивира координативното делување на општествените и политичките чинители во насока на обезбедување на социјален напредок на граѓаните и развој на социјалните капацитети, не само на државните туку и на останатите чинители.
Делувањата во таа насока се очекува да донесат клучни промени во намалувањето на улогата на државата како испорачател на социјални услуги кои директно ќе влијаат врз потенцирањето на улогата на приватниот, невладиниот и верските заедници како партнери на централната и локалната власт.
Во овој труд, фокусот на интерес и истражување е токму начинот на кој што функционира системот на социјалната заштита во Северна Македонија, разбирањето на социјалните ризици како закана за благосостојбата на граѓаните и идентификување на социјалните проблеми и потреби на ранливите групи од населението, како и утврдување на корисноста од процесот на децентрализација на социјалната заштита во надминување на веќе идентификуваните социјални ризици и проблеми.
Анализирајќи ги капацитетите со кои располагаат единиците на локалната самоуправа со спроведување на процесот на децентрализација на социјалната заштита, може да се дојде до заклучок до кој степен општините можат да влијаат врз создавањето на соодветни услови за делување на граѓанскиот сектор. Тој би се јавил во улога на сектор кој превзема дел од можностите да нуди услуги на граѓаните од делегирана социјална надлежност.
За успешен процес на делегирање на социјалните надлежности од страна на државата кон единиците на локалната самоуправа, односно кон граѓанскиот сектор, потребно е да се идентификуваат основните предуслови за системско поврзување помеѓу чинителите во процесот преку креирање на ефикасни системи на взаемна поддршка. Тие ќе понудат грижа за ранливите категории на граѓани на централно и локално ниво, како и ефективни можности граѓанскиот сектор да учествува во креирањето на социјалните политики.
Клучни зборови
социјална заштита, општина, социјални услуги, граѓани, права, невладина организација, граѓански сектор, децентрализација, плурализација, деинституционализација, стабилност, соработка
Преземи магистерски труд
