+389 2 3113 059

МАГИСТЕРСКИ ТРУД-КАСИОПЕЈА НАУМОВСКА

Автор: Касиопеја Наумовска
Наслов: Создавање на стварност: масовните медиуми низ призмата на Маршал Меклуан и Жан Бодријар
Година: 2024
Студиска програма: Родови студии

Апстракт

Овој труд е компаративна анализа на создавање на стварноста во масовните медиуми низ
призмата на теориите на двајцата големи теоретичари на медиумите Маршал Меклуан и
Жан Бодријар. Вклучува изложување на нивните теории за медиумите посебно, а потоа
обид да се најде заедничко тло околу прашања поврзани со теоријата на медиуми. И
двајцата се влијателни во теоријата на медиуми, дури не би можело да се проведе
релевантно истражување за медиуми а притоа да не се земат предвид. Иако нивните
теории се различни, постојат одредени точки, или одредено користење на исти или слични
концепти, кои ја прават оваа споредба можна. За некои прашања се разликуваат, а во
некои точки конвергираат. Целта на овој труд е да се истражат овие точки.
Во 1960-те, Маршал Меклуан се појавува како гуру на само што воспоставената култура
на електронски медиуми. Неговата книга Разбирање на медиумите (1964) станува славна
поради тоа што ги открива основните начела на улогата на медиумите во современото
општество, а Меклуан станува еден од најдискутираните и најдебатирани теоретичари на
своето време. За време на 1980-те, Жан Бодријар, во одредени кругови е промовиран како
новиот Меклуан, како најнапреден теоретичар на медиумите и општеството во
таканареченото постмодерно доба. Неговата анализа на новото, постмодерно општество
почива на основната претпоставка дека медиумите и симулациите сочинуваат ново
подрачје на искуството, нов стадиум на историјата и нов вид на општество.
И Меклуан и Бодријар даваат провокативни тези за улогата на медиумите и новите
технологии во конституирањето на современиот свет. Во оваа студија првин ја изнесувам
теоријата на медиуми на Меклуан и начините како може да се употреби, за анализа на
модерноста и постмодерноста што го поврзува делото на Меклуан и Бодријар. Исто така
истражувам како теоријата на медиуми на Меклуан ја формира Бодријаровата теорија и
сличностите и разликите. Ги изнесувам, по мое мислење, главните придобивки од нивото
дело но истовремено и политичките импликации на нивните теории за медиумите.

Клучни зборови

масовни медиуми, стварност, медиумска теорија, маршал меклуан, жан бодријар, симболичка репрезентација, комуникација

Преземи магистерски труд

https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2026/01/Магистерски-труд-Касиопеја-Наумовска.pdf