МАГИСТЕРСКИ ТРУД – МАГДАЛЕНА АВРАМОВСКА
Автор: Магдалена Аврамовска
Наслов: Медиумите и селебрити култура: Секојдневнието како спектакл
Година: 2016
Студиска програма: Студии на културата
Апстракт
Во оваа магистерска теза се разгледуваат начините на кои спектаклот, како
организирачки принцип односите во едно општество, се манифестира преку медиумите
во форма на медиумски спектакл. За таа цел, неопходно е да се тргне од самата
историја на спектаклот, кој своите корени ги наоѓа уште во античко време, па сè до
појавата и до развојот на медиумите. Тезата, воедно, дава приказ на влијанието што
масовните медиуми го имаат во создавањето на спектаклот заедно со културата на
славните, која се смета за главен обликувач на човековото секојдневие во современиот
свет.
За најпогодни во објаснувањето на моќта на спектаклот се земаат теориите на
Ги Дебор (Guy Debord), Даглас Келнер (Douglas Kellner) и на Жан Бодријар (Jean
Baurdillard). Благодарение на нивните видувања и интегрирањето на медиумите во
самата проблематика, се доаѓа до еден општ заклучок дека навистина спектаклот во
современиот свет својата најголема моќ ја добива токму преку медиумите. Иако
теоријата на Ги Дебор, изнесена во неговото капитално дело Општество на
спектаклот (2005), која потекнува од крајот на 60-тите години на дваесеттиот век, е
низ социјалнокласна призма, успешно може да го предвиди сeкојдневниот живот во
современиот свет, диригиран од медиумите и од капиталистичкиот начин на
уредување. Подоцна, Даглас Келнер и Жан Бодријар спектаклот како поим директно го
поврзуваат со конкретни медиумски случувања каде што се губи секаква автентичност
и станува збор за доброрежирани ситуации во кои веќе не се знае што е вистинито, а
што лажно. Како најдобра потпора на спектакуларизираната реалност се јавува
културата на славните, кои се медиумски конструкт. Современите славни личности
својот статус го добиваат токму во медиумите, од каде што и исчезнуваат во зависност
од степенот на популарност што го достигнале. Тие се претвораат во објекти кои
поради својата медиумска моќ ја имаат слободата да промовираат и да пропагираат
вредности, норми и правила за уредување на животот. Но не смее да се заборави дека
таа слобода е само во рамките на комодитетите. Преку телевизиските шоуа, кои се
спектакли на секојдневието, тие го симулираат одамна изгубеното чувство за
припадност, идентитет, кој станал подложен на пазарната логика на капитализмот,
ставајќи го човекот во положба на пасивен набљудувач и пропагирајќи дека и
гледањето се смета за труд и за продуктивност во фрагментираното секојдневие.
Клучни зборови
медиумски спектакл, култура на славните личности, медиумска култура, идентитет, комодификација, масовни медиуми
Преземи магистерски труд
https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2025/12/Магистерски-труд-Магдалена-Аврамовска.pdf
